Совет на Странски Инвеститори

Бела Книга 2022

Почитувани,

Процесот на заздравување на глобалната економија, започнат минатата година по пандемијата со Ковид-19, во моментов се судира со големи предизвици стимулирани од геополитичките случувања што кулминираа со војната во Украина со што цела Европа претрпува тешки економски последици.

Македонската економија, како мала и отворена (со 140% од БДП отвореност), е подложна на глобалните економски случувања, особено на случувањата во економијата на ЕУ. Руско – украинската криза, посредно, преку европската економија се рефлектираше и кај нас. Каналот преку кој веќе се чувствува оваа криза е зголемена инфлација и раст на цената на примарните производи, особено на храната и на енергенсите.

Војната во Украина дополнително ја распламти енергетската криза и инфлацијата. Синџирите на дистрибуција на разни суровини и готови производи во светот се нарушени и таа состојба предизвикува енормно зголемување на цените и раст на инфлацијата.

Според оценката на Светска банка се проценува дека оваа година ЗБ6 ( БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Северна Македонија) ќе забележат просечен раст на бруто домашниот производ од 3,4 отсто, што е двојно помалку од 2021 година, кога овој раст изнесуваше 7,6 отсто, но истовремено се уште е значително повисока од проекциите за 2023 година, кога се очекува забавување на економскиот раст и пад на ниво од 2,8 отсто за целиот регион. Драматичното зголемување на инфлацијата се почувствува и во овој дел од европскиот континент, па таа до октомври достигна просечно 12 отсто за сите земји од регионот.

Енергетската криза им создава најголеми главоболки на компаниите. Доколку кризата продолжи се стравува од зголемување на инфлацијата, намалување на производните капацитети, зголемување на невработеноста, ослабување на куповната моќ.

Затоа Владата треба да предлага континуирани решенија како да им помогне на бизнисите во амортизирањето на трошоците, кои предизвикуваат енормни проблеми за нив, како што се ликвидноста, чувањето на работните места, конкурентноста, која треба да се има предвид дека е аспект што повеќе зависи од функционалноста на институциите, владеењето на правото и добрите економски и финансиски политики.

 Освен справувањето со енергетската криза и последиците од ударот на ценовните шокови,  македонската економија ќе треба да вложи доста напори и за зголемување на продуктивноста на работната сила. Без овој предуслов, паѓаат во вода сите надежи за проширување на постојните и привлекување на нови потенцијални инвеститори кои би вложиле во производствени капацитети кои би креирале додадена вредност, а со тоа и позначителен раст на домашната економија.
Еден од најголемите проблеми кои го гледаат во општеството и институциите е правниот систем и недостаток на силна борба против корупција и недостаток на работна сила, односно несоодветно струковно образование.

За Северна Македонија, која неодамна го започна скринингот со ЕУ, токму владеењето на правото е клучната одредница од која зависи нејзината интеграција. Како земја членкана НАТО, и зеадничка позиција за членство во ЕУ, за инвеститорите е од особен интерес да знаат дека имаат сигурност и предвидлив деловен амбиент.
Исто така конкурентноста на македонската економија, производство на производи со додадена вредност и зголемена продуктивност на македонските компании се основа за раст и развој на националната економија.

Токму во новото издание на Белата книга акцентот е ставен на дополнително олеснување на условите за водење бизнис во Северна Македонија преку конкретни препораки за измени и дополнувања на законската регулатива во неколку области исклучително битни за странските компани кои оперираат во земјава, а се објаснети во натамошните делови.

Ние во Советот на странските инвеститори сметаме дека Владата треба да остане активен партнер со деловната заедница и само со заедничка соработка и дијалог ќе се соочиме со предизвиците за создавање подобар деловен амбиент за нови инвестиции и работни места.

Со почит,
Штефан Петер


82

Отворени прашања

© Foreign Investors Council, White Book 2022. All Rights Reserved.
CSS by HTML Codex